Природното живеалиште на ова растение е во шумските предели на средна и јужна Америка и Нов Зеланд. Ги има околу 2000 видови, а основната поделба се врши според начинот на раст бидејќи има видови кои растат вертикално и може да пораснат во поголема грмушка, и видови чии гранчиња се меки, се свиткуваат и се идеални за садење во саксии кои висат. Имаат прекрасни цветови кои висат и се состојат од 4 латици кои ја формираат чашката од која растат латиците на цветот, а од нив извираат долгите прашници и толчникот. Цветовите може да бидат еднослојни, полуполни или полни, а комбинацијата на бои е безбројна.
Менѓушката сака влага, па внимавајте земјата никогаш да не се исуши целосно, а во летните горештини повремено оросете ја. Ако е насадена во саксија сместете ја во полусенка, додека ако е посадена во градината ќе го издржи и сонцето. Од март до октомври прихранувајте ја на секои 15 дена со ѓубриво за растенија кои цветаат.
Се размножува со резници во пролет или рано лето. Резниците, млади гранчиња без пупки долги 7-10 cm, се ставаат во земја на сенка и редовно се полеваат. Ќе се закоренат по три седмици. Младите растенија потребно е да се откинуваат по третиот пар листови за да бидат побујни и разгранети. Кога ќе пораснат нови гранчиња повторете го процесот на откинување уште неколку пати. Тоа го одложува времето на цветање, но вака се добиваат многу убави грмушки.
Ако е насадена во градината треба да биде подлабоко закопана. Околу 10 cm од гранчињата треба да бидат покриени со земја за да може во зима да се прекријат со суви листови и слама и да презимат. Во зима листовите ќе паднат, а на пролет, во март скратете ги гранчињата на околу 3 cm од земјата за да ги отстраните деловите кои се оштетени од мразот.
Менѓушките кои се насадени во саксија во зима треба да се чуваат во подрум или на некое слично место бидејќи не мора да имаат светлина. Ќе им паднат речиси сите листови, па треба да се скратат гранките се до дрвенестиот дел. Полевајте ги многу ретко, едвај еднаш на два месеци. На пролет изнесете ги надвор, пресадете ги, добро полејте со вода и прихранете ги.
No comments:
Post a Comment