Азалеата е растение со кожнати листови и многу цветови. Ја има во бела и сите нијанси на розова и црвена боја.
Цути цела зима, па се до средина на пролетта. Ако ја одгледувате во услови кои и одговараат, ќе биде прекрасна. Ставете ја на светло место, но не на директно сонце. Не и одговараат простории кои се многу затоплени, па веројатно нема да може да ја чувате во простории со централно греење.
Сака влага и секојдневно оросување на листовите, најдобро со дождовница. Залевајте ја барем два пати седмично. Најдобро е да ја пипнете земјата, за да се уверите дека е доволно влажна. Добро е да ставите камчиња во подлошката за да и овозможите доволно влага.
За да го продолжите времето на цутење, редовно отстранувајте ги овенатите цветови. Додека цути прихранувајте ја секои две седмици со течно ѓубриво за растенија кои цутат.
Во доцна пролет, кога ќе престане да цвета, треба да ја изнесете надвор. Најдобро би било да ја закопате во сеновитиот дел од градината, заедно со саксијата. Ако немате градина, ставете ја на балконот. Ако е топло летото, без дождови, полевајте ја секој втор ден.
Во септември ќе треба да ја внесете внатре. Ископајте ја од градината, пресадете ја во нова земја, ако е потребно во еден број поголема саксија (само ако излегуваат коренчињата од саксијата). Отстранете ги овенатите листови и одрежете ги косо гранчињата кои стрчат до цветната пупка или изданокот. Потоа ставете ја на нејзиното место покрај прозорецот.
No comments:
Post a Comment