Хризантемата потекнува од Кина, каде многу е ценета и се смета за симбол за долг живот. Во Јапонија е национален цвет, па по тој повод имаат и Ден на хризантемата кој се слави на 9 септември.
За одгледување на преубавите примероци на хризантема во облик на грмушкаста топка потребно е многу знаење и умешност. Но постојат видови кои без проблем може да се одгледуваат на балконот или во градината.
Хризантемата има околу 7000 различни видови, а основната поделба е на видови кои почнуваат да цветаат во средина на летото, и видови кои цветаат во есен. Има и поделба по големината и видот на цветот.
Хризантемите се садат на сончево место на раздалеченост од 30-50 cm и тоа закоренета резница или младо растение кое изникнало покрај матичното. Најдобро е да ги посадите во средината на април. Ако садите хризантема која расте високо, веднаш ставете стапче покрај неа за да и служи како потпора кога ќе расте. Кога ќе се закорени младото растение потребно е да се откине мекиот врв за да се постигне грмушкаст облик.
Во текот на летото полевајте ги редовно, тие треба постојано да бидат влажни.
Во доцна есен кога ќе прецветаат и ќе паднат температурите, одрежете го стебленцето на околу 15 cm. Покријте ги со слама и листови за да може без проблем да ги преживеат ниските зимски температури.
Има потреба од многу влага, па не дозволувајте земјата целосно да се осуши бидејќи листовите прво ќе омлитават, па ќе пожолтат. Прихранувајте го на секои две седмици со течно ѓубриво за растенија кои цветаат.
No comments:
Post a Comment