Ова растение се одгледува поради декоративните плодови, бобинки, кои се појавуваат во почетокот на есента и ја менуваат бојата од зелена, жолта, портокалова па до јарко црвена.
Соланумот може да го чувате надвор во полусенка, а кога ќе падне температурата внесете го внатре, но не во многу загреана просторија. Ако го чувате постојано внатре, тогаш чувајте го на светло место.
Во текот на пролетта и летото има потреба од многу вода, па затоа залевајте го секој втор ден ако е надвор, а во домот малку поретко. Во текот на зимата залевајте го еднаш седмично, за да му обезбедите период на мирување.
Оросувајте го често по листовите со млака вода, особено во периодот додека цвета, за да го зголемите бројот на плодови.
Во текот на пролетта и летото, додека растението интензивно расте, прихранувајте го со течно ѓубриво за растенија што цутат.
Ако сакате да го сочувате за следната година, потребно е во пролет да го обрежете на половина од растот на растението. Стеблото ќе биде дрвенесто, и ќе има многу помалку цветови и плодови, па затоа се препорачува секоја година да се обнови од семе. Во март посадете ги црвените семки. Расфрлајте ги по компостот, покријте ги со тенок слој земја, полејте ги со вода, и покријте ги со темна крпа или фолија. Треба да бидат на темно додека не изникнат, а тогаш ставете ги на светло место. Температурата не би требало да биде пониска од 18°С. Кога младите растенија ќе имаат по неколку листови, насадете ги поединечно.
За да постигнете грмушкаст изглед, потребно е додека е младо да го пинцирате, односно со прсти да ги кинете врвовите на растението.
No comments:
Post a Comment