Thursday, November 22, 2012

Циклама (лат. Cyclamen)

Преку цела есен и зима можеме да купиме циклама која ќе го краси нашиот дом. Тоа е персиската циклама. Таа нема мирис, но плени со своите бои. Ја има во разни нијанси на розова, црвена, портокалова, бела... Може да биде едноставна, но и со двојни латици.

Цикламата повеќе ќе ужива во студена просторија отколку во многу затоплена. Ставете ја на светло место, но не директно на сонце. Најдобро на прозорец кој се наоѓа на северната или источната страна.

Сака влага, па најдобро е да ја залевате двапати седмично и тоа само во подлошката. Вишокот вода одлијте го по дваесетина минути, или ставете камчиња во подлошката. И покрај тоа што сака влага, не ги оросувајте листовите бидејќи ќе добијат дамки.

Додека цвета пожелно е да ја прихранувате два пати месечно со течно ѓубриво за растенија што цветаат

Кога ќе почне да венее и ќе престане да цвета, ставете ја на студено, откинете ги овенатите цветови заедно со дршката, и заливајте ја само малку на секои десетина дена.

На пролет, кога ќе се затопли, изнесете ја на балкон, некаде на сенка или закопајте ја во градината заедно со саксијата. На есен повторно внесете ја внатре, а таа ќе ве израдува повторно со прекрасни цветови.

No comments:

Post a Comment