Saturday, November 24, 2012

Фикус (лат. Ficus elastica)

Родот фикус има многу видови, а веројатно најпознато растение од овој род е смоквата. Но и домашниот фикус е многу познат и се сретнува во многу домови. Најчесто го сретнуваме видот “elastica”, но и вариететите “robusta” (со зелени кожести листови) и “tricolor” (со шарени листови). Интересен е и видот “lyrata” чии листови се зелени со изразено жолти лисни жили и личат на виолина. Фикусот расте прилично брзо, така да мора да му обезбедите доволно простор. 

Најдобри услови за одгледување се многу светло и умерена температура. Ако се наоѓа на место со малку светлина, ќе расте побавно. 

Полевајте го еднаш седмично во зима, а во лето два пати. Не дозволувајте да остане вода во подлошката. По петнаесетина минути истурете го вишокот вода. Ова е особено важно да го правите додека е растението младо, бидејќи може брзо да угине. 

Прихранувајте го во летниот период два пати месечно. 

Растението се расадува додека е младо. Подоцна, кога веќе е во голема саксија, нежно тргнете го горниот слој земја, и заменете го со нов. 

Додека е растението младо пожелно е да ставите стап до стеблото, за да има потпора додека расте. 

Ако сакате да ја ограничите висината, режете ги листовите на врвот. Овие резници може да ги користите за размножување. Едноставно ставете ги во земја, или пак прво во вода, а откако ќе излезат коренчиња во земја. Може да се размножи и од изданок од стеблото. Тоа е всушност дел долг околу 10 см со еден лист. 

Кога растението старее, долните листови најчесто отпаѓаат. Ако ова се случи на младо растение, тоа значи дека премногу го залевате. Ако листовите што отпаднале имаат кафени флеки, значи дека му е преладно. 

No comments:

Post a Comment